Засилените мерки се сега бидејќи вирусот не е истиот од ноември, а кумулативниот број на болни и хоспитализирани не е ист. Ако тогаш кажувавме дека имаме од 800-1000 случаи и дека може да изменаџираме, сега не е така. Се случува бум од новозаразени, се преполнија болниците, изјави денеска др. Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни заболувања.
Тој објасни дека зад одлуката за продолжување на полицискиот час и за затворање на угостителски објекти има повеќе причини.
-Сега дневно има од 1200-1300 заболени. Имаме огромен број на новозаразени случаи со Ковид-19, поради што во краток временски период од две-три недели се наполнија болниците. Бидејќи ја менаџираме се уште ситуацијата, истата не би ја оценил како катастрофална, бидејќи имаме уште здравствени капацитети. Нам ни е проблем здравствениот кадар во моментов. Ниеден пациент не е без медицинска нега. Здравствените работници се функционални се уште, но преморени, и не знаеме до кога ќе бидат функционални, рече Караџовски.
На прашањето дали рестриктивните мерки можеа да бидат донесени порано првиот епидемиолог објасни дека прво морала да биде направена анализа на две неделно ниво.
–На 7 дневен период се анализираат податоците кои ги собираме, ниту една мерка не се носи за еден или два дена. Подлабока анализа се прави за една или две недели. Тоа се релевантни бројки кои се прават и во цел свет, а и кај нас. Не се олабавуваат мерките надвор никаде. Во 90 отсто држави во Европа бројките растат. Три дена порано можевме да ги донесевме овие мерки, но за да настапиш пред премиерот и Кризниот штаб треба да настапиш со бројки. Ова сега го предлагаме затоа што две недели имаме зголемување на бројките, вели Караџовски.
Според него, има мутации на вирусот и ако претходно симптомите се појавуваа за 5 до 7 дена, сега се појавуваат симптомите за 3 до 5 дена. Тој соопшти дека пет градови се критични – поради инфраструктура и заморен медицински персонал. Факторот на прнеосливост Р0 не е ист во цела држава и најголем проблем, рече, е Битола каде Р0 е 1,48, потоа е Куманово со 1,18, Тетово има нешто над 1 Р0, а Скопје првпат е под 1, т.е. 0,99.
Тој рече дека очекува со мерките на здравствените работници да им се даде „капка” одмор, здравствените власти да обезбедат нови кадри, а оние капацитети кои се оспособуваат да бидат завршени, и конечно, да се вакцинираат што повеќе лица.
-Правилото е вакцинирај, вакцинирај, вакцинирај, тоа единствениот начин на намалување на бројот на заболени. Ве молам да ги спречиме собирањата и празнувањата, сите да бидеме одговорни, рече Караџовски.