За жал, не постојат механизми како да ги отстраниме тие патници кои не носат маски и не ги почитуваат здравствените мерки. Ние можеме да ги отстрануваме само патниците кои немаат патен билет, изјави денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов. Тој одговори на новинарско прашање околу тоа дека автобусите на најголемиот градски превозник ЈСП „Скопје“ се преполни и дека се еден од изворите на драстичното ширење на корона вирусот во последниот период. Градоначалникот тврди дека автобусите се исполнети до 75 проценти од предвидените места за патници, како што и дозволува Комисијата за заразни болести.
–Сѐ уште превезуваме за 60 проценти помалку патници во градскиот автобуски превоз во споредба со времето пред епидемијата со коронавирусот, а пополнетоста на автобусите е до 75 проценти. И автобусот „двојка“ работи по редовниот, а не работи по саботниот возен ред и велам во шпицовите и се појачува. Апсолутно има доволно контроли, зголемени се и бројот на казните и патници кои не ги плаќаат билетите, категоричен е Шилегов.
Меѓутоа, фотографиите кои граѓаните ги споделуваат на социјалните мрежи за гужвите во автобусите го демантираат градоначалникот. Често, автобусите, посебно утринските, се преполни, а со тоа во нив лесно се шири корона вирусот. Особено и од причина што некои патници се крајно неодговорни и не носат маски.
Сега, од изјавата на градоначалникот излегува дека тие се немоќни да ги спречат и отстранат неодговорните. Зарем ќе се дозволи да биде така и понатаму? Градот и ЈСП “Скопје“ мора да најадат начин за почитување на редот во автобусите и не можат да се правдат со тоа дека немаат надлежност. Ако ваквата ситуација е честа, ЈСП „Скопје“ и градските власти треба да ја ангажираат полицијата или некоја друга служба која ќе ги санкционира неодговорните граѓани. Односно, мора да се најде начин за да се заштити здравјето на сите други граѓани.