Германската канцеларка Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и рускиот претседател Владимир Путин разговараа за руската вакцина против коронавирус „спутник В“, објави германската новинска агенција ДПА.
-Тројцата лидери зборуваа преку видео-врска за руската вакцина, изјави портпаролот на Меркел, Штефен Зајберт.
„Спутник“ допрва треба да биде одобрена од Европската агенција за лекови (ЕМА). Зајберт вели дека „оваа проценка се прави според истите стандарди што важат за сите други вакцини“.
Според Кремљ, тројцата разговарале за можни испораки и заедничко производство на оваа вакцина во земјите на Европската унија (ЕУ). Руската фармацевтска компанија Р-Фарм планира да ја произведува вакцината во баварскиот град Илертисен од јуни или јули.
ЕМА во моментов ја разгледува апликацијата за одобрување на „спутник В“ во ЕУ.
Во информацијата на агенцијата ДПА се наведува дека експертите на агенцијата се очекува да ја посетат Русија во април за да го испитаат производството и складирањето на вакцината. Потоа, компанијата може да аплицира за одобрување на пазарот во блокот. Европската комисија во моментов нема договор за набавка на „спутник В“.
Во соопштението кое го објави Кремљ се наведува дека тројцата лидери разговарале за изгледите за регистрација на руската вакцина „Спутник В“ во Европската унија и можноста за нејзино доставување и заедничко производство во земјите на ЕУ.
Унгарија, членка на ЕУ, го прескокна тој чекор и итно ја одобри руската вакцина. Австрискиот канцелар Себастијан Курц во вторникот изјави дека Виена преговара со Москва за купување на голем број дози од вакцината.
За потсетување: Руската амбасада во Скопје и понуди на македонската влада вакцини пред неколку месеци, но долго не добиваше одговор на понудата. Кога почна големиот проблем за набавка на вакцини во светот тогаш македонските институции се сетија и на рускиот производ.