Од околу седумдесетина илјади македонски граѓани кои имаат и бугарско државјанство само 328 се пријавиле за гласање на претстојните парламентарни избори во Бугарија. Податокот за малиот број на пријавени лица го објави бугарскиот весник „Сега“ откако синоќа во 23 часот истече рокот за пријавување на бугарските државјани од странство.
-За гласање од странство кое може да се изврши во амбасадите и конзултатите на Бугарија во странство се пријавиле вкупно 87.216 лица, покажуваат податоците на Централната изборна комисија што ги пренесува онлајн изданието на „Сега“.
Најмногу пријавени има во Турција – 20 854, во Велика Британија – 16 159 и во Германија – 13 493. Во Шпанија за гласање се пријавиле 7 743 бугарски државјани, во САД (5 030), Италија (2 719), Австрија (2 114), Холандија (2 025), Франција (1949) и Грција (1 941).
Изненадувачки, според „Сега“, е малиот број на пријавени во соседните балкански земји.
– Во Македонија, со која се влошени билатералните односи поради спорните историски прашања, се пријавија само 328 лица (помалку од 422 во далечната Австралија). Само 172 апликации дошле од Србија и 58 од Романија, наведува весникот.
За потсетување лани во бугарскиот парламент беше презентиран податок дека од 1 јануари 2010 година до 22 октомври 2020 година речиси 78.000 македонски државјани поднеле барање за бугарско државјанство, а речиси 90 отсто од нив и го добиле.
Очигледно, и малиот одѕив за гласање покажува дека главниот интерес за добивање на бугарски пасоши на лицата од Македонија е економски, пораид полесно наоѓање работа во странство.