Сашо Мијалков бил во Скопје, во некое од маалата во близина на домот. Вака премиерот Зоран Заев му одговори на пратеникот Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој праша каде се криел Сашо Мијалков кој два дена не беше достапен да му се врачи решение од судот за домашен притвор.
Сега кога тој е во домашен притвор, Заев смета дека треба да има одговорност за опозицијата која тврдела дека имало договор за бегство.
-Нема никакви тајни коалиции. Сашо Мијалков вие го славевте до пред 3-4 години, вие го следевте, а функциите ви беа мили што ви ги даваа, и не само што го следевте, името и презимето ви беше страв да му го соопштите и не само вие, туку сите во државата. И денеска по четири пати на ден се менува ставот за Сашо Мијалков, човеков кој заедно со Груевски го постави сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека утре судот ќе потврди уште многу други лаги за договарања со Заев или слично и на крајот треба власта да понесе одговорност, а опозицијата што да направи? Да си понесе одговорност, рече Заев од собраниската говорница.