Една од најинтересните згради во Скопје, онаа на „Пошта на Македонија“, „блесна“ во форма на Луна парк. Светлосна инсталација направена од дизајнерот Мартин Димитријев на кровот на зградата го предизвикало тој ефект. Тој сакал да ја долови симболиката на запоставените градски објекти и нашиот однос кон нив.
Реакциите на скопјани не изостанаа и овој пат:
-Арно „светнала Пошта“, белки некој ќе се сети да ја светне вистински, не само да ја палат и крадат кој како ќе стане директор!
-Инсталацијата е финансиски помогната од Град Скопје, дали тоа Шилегов иронично го потсетува Заев дека треба да поработи нешто и на овој план?!
А кога ќе ви светне вистински Луна паркот во Градски парк. Не ви е срам светлосни инсталации да правите? А кога ќе се фатите за работа?
Инаку објектот на централната пошта во Скопје е проектиран од архитектот и уметник Јанко Константинов, а завршен е со градење во 1979 година. Шалтерната сала на поштата, заедно со дел од канцелариите на вториот кат и покривот целосно изгореа во пожарот што го зафати објектот на почетокот на 2013 година, а штетата од аспект на културно-историско, уметничко и градско наследство е непроценлива. Асоцијацијата на архитекти на Македонија кон крајот на минатата година разговараше со директорот Јани Макрадули, и договориле наоѓање трајно законско решение за овој објект.
Уште еден „ќе“ проект или не, времето ќе покаже…