Информацијата за нацрт-концепција за промени во основно образование се најде во дневниот ред на денешната собраниска седница на чиј дневен ред има 67 точки. Пратениците во македонскиот парламент ќе се информираат за предложените промени, но и ќе можат да го кажат својот став за темата која предизвика бројни реакции во стучната јавност.
Пратениците треба и да заземат став за бројни критики кои во изминативе недели упатија скоро сите образовни институции во Македонија. Тие искажаа повеќе критички забелешки, барања за повлекување, противење на воведување на интегрирани предмети, зачувување на посебноста на предметите историја, хемија, физика, географија…
Така на пример Филозофскиот факултет (кој е столбот на македонското образование) предупреди дека предлогот може да предизвика големи проблеми во образованието.
-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, предупредија од овој факултет.
Од Педагошкиот факултет во Скопје, исто така, предупредија дека не е потребно брзање во овој процес.
-Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од оваа образовна установа.
Професори од Природно-математичкиот факултет јасно и порачаа на министерката Мила Царовска дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни.
Институт за национална историја предупреди дека нема играње со националната историја.
-Македонската држава не смее да биде исклучок и да експериментира со сопствената национална историја. За суштински и концептуални реформи во образовниот систем се потребни темелни анализи и консултации со научната и академската фела, Концептот треба да се повлече, побараа историчарите.
И од највисоката научна институција во земјава – МАНУ дојде предупредување.
– Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, се потенцира во соопштението на академците.
Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, пак, најдиректно кажа дека реформите имаат за цел да го избришат предметот историја, и да се заборави на неговата улога во воспитно-образовниот процес.
– Единствена цел е да се избрише од наставната програма во основното образование предметот историја. Да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, вели Коцарев
Реагираа и академците од Лингвистичко одделение на МАНУ, историчарите од Институтот за историја при Филозофскиот факултет, Македонско географски друштво, здруженија на наставници по физика, хемија, биологија, Институтот за Социологија, Институтот за Педагогија…
Дали пратениците ќе ги имаат предвид и овие пораки ќе се види во расправата.