Дали министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ имаат безбедносен НАТО-сертификат, и ако немаат, зошто? – праша денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски, на прес-конференција.
На ова, од Владата одговорија дека постапката за стекнување НАТО – безбедносен сертификат за министерот Спасовски е во тек, додека за министерот Маричиќ ваков документ воопшто не е ни потребен.
Според објаснувањето од Владата административните постапки за стекнување безбедносни сертификати се идентични за сите држави членки и може да траат и до шест месеци, а пандемијата дополнително го пролонгира тој процес.
Вакви серитифкати веќе имаат претседателот на државата, премиерот и претседателот на Собранието.
Од ВМРО-ДПМНЕ попладнево преку соопштение побараа од Владата објаснуввање зошто двајцата нејзини министри од областа на правдата и безбедноста немаат НАТО – сертификат, а од Спасовски и Маричиќ да не молчат и да си дадат оставка.