Просечно од 30 до 35 загинати пешаци годишно има во сообраќајни незгоди во Македонија. Повеќе од 50 отсто од загинатите пешаци се возрасни лица над 60 години. Ова е тежок биланс кој се случува на македонските сообраќајници, предупреди Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.
Во апелот кој го упати оваа организација се наведува дека обврска на возачите е да се движат со особено внимание секогаш кога се приближуваат кон пешачки премин, да ја намалат брзината и да ги пропуштат пешаците на пешачкиот премин, но тоа никако не значи дека пешаците имаат апсолутно право на првенство на минување.
-Статистиката покажува дека пешаците, особено повозрасните пешаци, и понатаму остануваат една од најранливите и најзагрозените групи учесници во сообраќајот. Од 25 до 30 отсто од вкупниот број на загинати лица во сообраќајни незгоди, се пешаци. За жал и покрај тоа што спаѓаат во групата на ризични и ранливи групи на учесници во сообраќајот, пешаците се истовремено и најнедисциплинирани учесници во сообраќајот, се потенцира во апелот.
РСБСП додава дека пешаците учествуваат во сообраќајот реализирајки ги своите секојдневни активности и главниот проблем е тоа што кај пешаците недостасува чувство дека и тие се активни учесници во сообраќајот и дека и за нив важат сообраќајни правила и прописи кои мораат да ги почитуваат.
-Пешаците се најмасовна и најранлива група учесници во сообраќајот, а истовремено и најмалку контролирана и најмалку санкционирана, се вели во соопштението.
Исто така, наведено е таму, може да се каже дека и возачите не ги почитуваат пешаците како рамноправни и ранливи учесници во сообраќајот, и последицата од таквиот пристап е од 30 до 35 загинати пешаци во сообраќајни незгоди просечно годишно, при што повеќе од 50 отсто од загинатите пешаци се возрасни лица над 60 години.
-За безбедно преминување на улицата потребно е максимално и целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и од страна на пешаците и секако и од страна на возачите. За жал, секојдневно можеме да видиме пешаци како поминуваат улица надвор од пешачки премин, на црвен пешачки семафор, како се движат помеѓу две коловозни ленти, помеѓу возила во движење, но и пешаци кои воопшто не ги следат случувањата во сообраќајот поради мобилниот телефон или слушањето музика. Непотребно и долго задржување на коловозот е редовна појава, особено од страна на повозрасните пешаци. Ваквото однесување на пешаците во сообраќајот резултира со голем број загинати и повредени лица. Тоа не значи дека и кај возачите нема одговорност и вина. Напротив, црната статистика е последица на непочитување на сообраќајните правила и прописи, како од пешаците така и од возачите, се вели во соопштението.