Се откажува ли скопската градоначалничка Данела Арсовска дефинитивно од проектот за БРТ во Скопје откако денеска го стипира тендерот за изградба на брз автобуски превоз распишан од поранешниот градоначалник Петре Шилегов? Вакво прашање се наметнува откако денеска се појави информацијата дека постапката со која се бараше фирмата – изведувач е запрена.
-Постапката е прекината и поради тоа не се пристигнати понуди. БРТ е релативно непознат концепт за граѓаните на Скопје. Според анализите кои биле изготвени минатата година за потребите на Град Скопје се укажува на бројни недостатоци и ризици од проектот кои ќе имаат влијание врз животната средина, што во никој случај не смее да се дозволи. Како што знаете во моментов се водат преговори со ЕБРД и по нивното завршување граѓаните ќе бидат информирани за договореното, изјавиле од Град Скопје за СДК.мк.
Сега останува дилема за што се преговара со претставниците на Европската банка која за овој проект одобри кредит од 70 милиони евра, а за кој гарантира државата. Во јавноста неодамна се појавија информациите дека новите градски власти имаат идеја за пренамена на тие средства. Во кампањата за локални избори Арсовска решение за градскиот превоз најавуваше ревидирање на возниот ред на ЈСП и купување на 250 нови еко-автобуси.
Таа неодамна најави дека распишувањето на референдум е една од опциите за граѓаните на Скопје да излезат и да одлучат дали се за или против БРТ системот односно kаков јавен транспорт сакаат.
Според неа, БРТ системот не е добро решение за Скопје бидејќи имал неколку критични точки – потреба од нов мост, отстранување на целото зеленило по средината на булеварите и главната водоводна инсталација која поминува под средишното зеленило на овој булевар.