Aгент за недвижности кој оштетил десет граѓани со измама при купопродажба на станови во Основниот кривичен суд во Скопје доби условна казна затвор во траење од две години, доколку за три месеци од правосилноста на пресудата не ги обесштети граѓаните и за време од пет години не стори ново кривично дело.
Согласно член 114 од Законот за кривична постапка, обвинетиот се задолжува да ја надомести штетата на оштетените во целост и да ја врати во рок од три месеци.
-Доколку и по утврдениот рок, обвинетиот не го врати останатиот дел, имате право да побарате отповикување на условната осуда каде што Кривичниот совет на Кривичниот суд ќе преземе мерки. Доколку не се врати штетата се отповикува условната осуда и обвинетиот заминува во затвор. Интенцијата е да ви ги врати парите, рече судијката.
До правосилноста на одлуката остануваат и мерките за претпазливост на обвинетиот.
Обвинетиот 41-годишен скопјанец, се товари за кривичното дело „измама“, бидејќи, според обвинението, тој довел и држел во заблуда десет лица – оштетени, на кои лажно им се претставил како агент за недвижности во своја агенција и дека е овластен од име на сопствениците на станови да ги продава нивните станови на други лица. Обвинетиот ги огласувал становите и ги покажувал за продажба, со што ги навел оштетените да сторат штета на својот имот од поголема вредност.
Агентот за недвижности на претхоното рочиште ја призна вината за стореното кривично дело и обесштети 21 отсто од целосниот износ што го должи.
-Јавно се извинувам на оштетените во оваа судница, ова ќе ми биде многу добра поука како да постапувам во животот, изјави тој, додавајќи дека во рок од три месеци ќе ги врати целосно парите кои ги должи.
Оштетените побараа вкупно оштетно побарување од околу 48 илјади евра. Деветмина изјавија дека бараат кривичен прогон за обвинетиот, додека, еден остави Судот да одлучи.
Случајот пред осум месеци го обелодени МИА. Оштетените ги споделија искуствата во видео изјави за агенцијата.