Стотици вработени од градските јавни претпријатија кои се загубари се уште не можат да земаат плати бидејќи не се потпишани решенијата за субвенционирање на нивните плати од градскиот буџет на Скопје. Најзагрозени биле вработените од најголемиот градски превозник ЈСП „Скопје“ и ЈП „Улици и патишта“. Кога ќе земаат плати е неизвесно. По се изгледа, ќе мора да се чека на упис на новата градоначалничка Данела Арсовска како овластено лице во Централен регистер.
Зошто таа процедура, која редовно се прави секој месец, не е завршена претходно? Во брифингот на новата градска администрација за порталот „Фактор“ прстот на одговорноста се насочува кон претходниот градоначалник – Шилегов.
-Шилегов го напуштил кабинетот без да ги заврши постапките за субвенции за плата за вработените во јавните пријатија што се под Град Скопје. Налозите не биле потпишани ни испратени, иако тој имаше 8 дена да го стори тоа, за да може да бидат платени придонесите за сите вработени и да биде исплатена платата. Дали со ова Шилегов свесно креирал криза за вработените, но и за градот?, се наведува во објавата.
Шилегов заминал од градоначалничката функција на 8 ноември кога е извршено примопредавањето на должноста со Арсовска. Новата градоначалничка ја почнала процедурата за упис во Централниот регистар откако стапила на функцијата.
Досегашнот градоначалник во изјавата која ја пренесува порталот „Плусинфо“ , меѓутоа, го демантира ова.
-Од понеделникот Арсовска ја презеде функцијата со полн капацитет. На сметката има 11 милиони евра. Требала да депонира потпис и да ја заврши работата, наведува Шилегов.
Но, тој не објаснува зошто во периодот од почетокот на месецов па до заминувањето од функцијата не ги потпишал вообичаените решенија за исплата на субвенциите.