Се најавува нов бран на вирусот низ Македонија. Едноставно, Ковид-19 си делува, таква му е „работата“. Туку, што работат надлежните институции за да го сопрат неговото делување?
Според состојбата на теренот би требало да работат многу, бидејќи има многу починати лица кои се водат како жртви на вирусот. Бројката достигна над 7.300 лица кои подлегнаа на болеста. Загрижувачко! Македонија е мегу првите земји во светот по смртност. Зошто е тоа така?
И натаму посериозни анализи околу смртноста нема, единствен протокол за лекување нема, некако ја снема и Комисијата за заразни болести сосе министерот освен кога упатуваат апели за внимателност и вакцинирање… И плус тоа загрижува фактот дека мерките за справување со ширењето на вирусот често пати се несоодветни, контрадикторни, а еве иако поминува време не се поправаат, надополнуваат…
Цело време од властите се зборува само за потребата од вакцинирање, а потребата од подобро лекување на пациентите некако се става на страна. Што се прави лекувањето на потешките пациенти да биде подобрено? Впрочем и вакцинирани завршуваат во болниците.
Јавноста бара одговори – што е тоа погрешно во начинот на лекувањето бидејќи болеста е иста во сите земји, но кај нас лекувањето на посериозно болните многу повеќе завршува трагично. Министерот вели – доцна доаѓале пациентите во болница. Добро, а што тој направи да не биде така? Откри ли кои се причините за доцното доаѓање, да не има вина и во институциите? Ги подспастрија ли болниците? Ги координираа ли матичните лекари со секундарното здравство?
Велат дека причината за смртноста е и присутноста на други болести кај пациентите. Само во Македонија ли луѓето имаат и други болести? А и впрочем, што се прави за да се лекуваат во ваква пандемија и другите болести?
Дали можеби е потребно во Комисијата да дојдат и нови членови – доктори кои ќе дадат нов импулс во борбата со вирусот?