Оставка да поднесе премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев! Oставка да поднесе лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски! Ова се барањата кои и денеска, како и во изминативе неколку дена се повторуваат од штабовите на двете најголеми партии од опозицијата и од власта. Едните бараат заминување на премиерот кој и самиот најави оставка по поразот на локалните избори, другите таа оставка на Заев ја замрзнаа ама бараат демисија на лидерот на опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека народот му дал црвен картон на Заев.
-Заев, премиерот во заминување да си оди и од СДСМ по најголемиот пораз во историјата на локалните избори. Заев е делегитимиран од народот. Со пораз од над 100.000 гласови, народот покажа на 31-ви октомври дека Заев не треба да биде ниту еден ден повеќе на власт. Зоран Заев изгуби во над 40 општини. Народот му даде црвен картон на Заев, премиерот во заминување, кој треба да си замине и од СДСМ, се наведува во партиското соопштение на најголемата опозициска партија.
Од владејачката СДСМ, пак, потенцираат дека Христијан Мицксоски треба да понесе одговорност за пропаднат обид да ја врати државата назад.
-Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ бесрамно лажеа дека наводно бил киднапиран пратеник и бараат брзи парламентарни избори. Наместо да поднесе оставка затоа што одново се поразени неговите обиди да ја врати државата назад, Мицкоски бара брзи предвремени избори, се потенцира во соопштението на владеачката партија.
До кога ќе се упатуваат ваквите соопштенија сигурно знаат во штабовите на двете партии. Но, прашањето е што од ваквите сопштенија полза имаат македонските граѓани. Во земјава се натрупаа проблеми – од енергетската криза па до растот на инфлацијата и други за кои се потребни итни и заеднички решенија и на власта и на опозицијата.
Македонија изгледа ќе мора да чека да победи логиката – кој всушност треба да си поднесе оставка. Само за жал одамна нема логика во македонската политика, затоа народот праќа пораки на избори. Заев по првиот круг на локалните избори рече дека ја разбрал пораката…