Ниту еден ученик не се заразил во училиште, односно нема интерна трансмисија во ниту едно училиште, вели министерката за образование Мила Царовска откако вчера беа објавени информации дека има позитивни ученици, кои на 1 септември дошле на физичка настава.
Царовска вели дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат и епидемиолошките служби се на терен и постапуваат и ги искара медиумите што со прст покажале на школо или ученик, биидејќи вели тоа нема да донесе добро никому.
-Тие што треба да знаат, како родители, наставници и ученици знаат, си имаат добиено решенија и се постапува согласно протоколите, изјави денеска Царовска.
Претходно, МОН преку соопштение објави дека врз основа на податоците добиени од раководствата на училиштата на втори септември, само 0,01 % меѓу учениците се активни случаи на ковид-19, а ист е процентот и кај наставниот кадар.
Денешното соопштение од МОН е откако вчера повеќе медиуми објавија дека се пријавени првите случаи на заразени ученици, по само два дена од почетокот на учебната година, која започна со физичко присуство по една и пол година учење на далечина.
Од Министерството за здравство велат дека добиле податоци за вакви случаи и повеќе детали најавија за денеска.