Од американскиот Национален демократски институт е стигнато барање за привремено сместување на дополнителни 200 цивили, покрај бројката од 186 граѓани од Авганистан за привремено прифаќање во земјава, за која извести Владата.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека пред се се жени и деца на активисти вработени во НДИ во Авганистан, а списоците ги прават надлежните служби, МНР и МВР.
-Како се даваат одобренијата, така граѓаните можат да пристигнат. Меѓутоа имајќи предвид дека бројот на летови од Кабул е значително ограничен, оттука не можеме да кажеме кога точно тие цивили би пристигнале во државата, но потоа ќе бидат третирани согласно внатрешните правила на однесување и ќе бидат сместени во капацитети коишто ќе бидат обезбедени, рече Османи на прс-конференцијата во МНР.
На новинарско прашање дали и цивилите од Авганистан покрај нашите граѓани кои се евакуираат од Кабул, ќе одат во карантин, тоа според него, ќе зависи од нивниот вакцинален статус и од други епидемиолошки карактеристики, за што решава Комисијата за заразни болести и Министреството за здравство.
Во однос на сместувањето, Османи посочи дека Координативното тело во Влада, веќе прави список на сместувачки капацитети коишто покажуваат интерес и имаат можност да ги прифатат овие цивили, а трошоците ќе им бидат платени.