Сите села во чија близина беснеат пожари се обезбедени со сите оние методи кои ги користи било која противпожарна служба во светот, информира на денешната прес-конференција в.д. директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Тој посочи дека се изорани местата и направена е тампон зона преку која пожарот не може да премине. На линијата се поставени цистерни доколку пожарот премине од другата страна на тампон зоната да можат да дејствуваат и да не биде загрозено селото.
– Опасноста е намалена и сега сме концентрирани кон шумите. Предмалку пожарот над селото Будинари повторно се разгоре од нигде никаде. Вчера бев очевидец, на едно место само малку чадеше, за неколку минути имавме пламен до небото. Огнени јазици високи по десетина метри. Борот е лесно запаллива материја, на него има смола. Оганот не ги гори целите дрвја, но ја гори смолата и лисјата. Затоа и тешко се справуваме со него. Додека пожарите кои се во шума со бука и друго листопадно дрво се релативно поедноставни за справување, вели Ангелов.
Сѐ уште се активни пожарите во Пехчево, Сарај во Скопје, Петровец, Старо Нагоричане, Прилеп, Штип, Битола. Пожарот во Делчевско е во контрола и нема опасност од негово ширење, а локализиран е и пожарот во атарот на селата Дрен – Смолане, прилепско.
Пожарите во село Трботивиште – Нов Истевник м.в. Света Вода и село Разловци во општина Делчево се во потполна контрола и нема никаква опасност од нивно ширење. Екипи кои набљудуваат кои се на местата на пожарот кога ќе се појави некое жариште во изгорениот дел веднаш реагираат од евентуално проширување.