Министерството за здравство информира дека во земјава досега се детектирани триесетина случаи со делта-сојот, кој рапидно се шири насекаде во светот, во регионот, па многу е веројатно истото да се случи и кај нас.
Од Министерството сметаат дека токму ова ја прави вакцинацијата уште поважна, оттука мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично.
За мерките кои стапуваат на сила од 16 август и кои наидоа и на критики во јавноста, велат дека ние не сме единствена земја која ќе воведе мерки, многу порестриктивни мерки веќе се применуваат во земјите од регионот, Европа и светот
-Во обид да се зачува јавното здравје и да се стави под контрола рапидното зголемување на бројот на заразени, што претставува ризик од преоптоварување на здравствените системи, сè повеќе земји воведуваат задолжително приложување на вакцинален сертификат за своите граѓани, за непречено користење на јавните места и услуги, велат здравствените власти.
Тука ги посочуваат Данска, Австрија и Унгарија беа меѓу првите земји кои во март оваа година воведоа здравствени сертификати, кои во Австрија се сè уште неопходни за посета на ресторани, хотели и спортски центри. Вакви мерки се актуелни и во Португалија и Ирска, додека во Луксембург се построги и вакциналниот сертификат е задолжителен и при влез во маркетите.
Приложувањето на сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи на сила и во соседна Грција, со цел во туристичката сезона да се заштитат домашните работници, но и големиот број странски туристи кои влегуваат во земјата.
Според одлуката на Владата на Италија, пак, за престој во затворени простории, граѓаните е неопходно да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР-тест, не постар од 48 часа.
Вакциналниот сертификат во Италија е задолжителен за наставниците, граѓаните кои користат јавен превоз, за влез во кината, музеите и на спортските настани, но и за гостите во рестораните. Сертификат ќе им биде потребен и на студентите, додека вработените кои нема да приложат доказ за имунизација пет дена последователно, ќе бидат суспендирани од работа и нема да го остварат правото за добивање плата, бидејќи ќе претставуваат ризик за останатите граѓани.