Малешевијата се уште гори. Иако повеќе пожари се активни во Македонија, овој дел од земјата е во сериозно критична состојба, а денеска на помош на македонските пожарникари и војска се најавени романски сили.
И во текот на ноќта најопасно беше во беровскиот и пехчевскиот регион каде со огнот се борат најмалку 350 луѓе, се прават огради со градежни машини, се копаат ровови, но и се сечат дрвја со цел да се спречи натамошното ширење. Вчера доцна попладнето беа испратени три хеликоптери од кои еден македонски и два српски кон беровското село Мачево, каде ситуацијата со пожарот беше многу критична и имаше опасност огнот да зафати неколку куќи.
И додека македонските бели дробови се во пламен, а пожарот благодарение на скромните средства за борба на околните жители, пожарникарите, армијата, и сите странски земји кои дојдоа на помош: Србија, Словенија, Бугарија, Австрија… македонскиот владин врв замина на летување. На социјалните мрежи се појави фотографија на која се гледа како премиерот Зоран Заев се одмора на плажа со уште неколку министри. Јавноста врие. А од владиниот кабинет само потврдија дека тој до 12 август заедно со уште неколку колеги ќе бил на одмор и се што требало ќе координирал преку телефон. Морал да го искористи ланскиот одмор оти ќе му пропаднел.
Ниту министрите за внатрешни работи и одбрана, Оливер Спасовски, Радмила Шеќеринска, како еднакво важни водачи на ресори во ова критично време, не се на терен за да му помогнат на народот кој остана без сила обидувајќи се да спречи пожарите да ги проголтаат куќите. Од надлежните со секојдневни теренски прес-конференции се појавува само директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.
Ќе одговараат ли најнадлежните лица во извршната власт што во едно вакво време, кога државата е во пламен, заминаа на летување?
Затоа, пак Романија е последната земја која најави дека ќе помогне во гасењето на пожарите. За таа цел таа го испраќа специјалниот авион за гасење пожари наречен „спартан“ кој во еден налет исфрла вода од 6 канистри со по 1.000 литри вода.