Сите пожари во скопскиот регион на кои се интервенираше вчера се изгаснати. Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во текот на вчерашниот ден имала 29 дојави за пожар од кои е интервенирано во 22 случаи, а седум дојави биле лажни.
– Не се памети ден како вчерашниот. Досега не сме имале 22 интервенции за помалку од 24 часа. Првата дојава беше околу 10 часот, а последната во 21:45 часот, велат од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.
Состојбата во поранешната фабрика „ОХИС“ е стабилна, а денеска е изгаснат и пожарот над Сарај кон „Јасен“.
Оценките на пожарникарите се дека дел од пожарите се подметнати.
Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во моментот има една екипа испратена во пехчевско-делчевскиот регион.