Парична награда во износ од 10.000 евра и месечна стипендија во висина од 1.000 долари ќе му додели Македонскиот олимписки комитет (МОК) на таеквондистот Дејан Георгиевски за освоениот сребрен медал на Игрите во Токио.
– Олимпискиот комитет, кој и досега севкупно ги финансираше сите подготвителни активности на Таеквондо репрезентативците на најпрофесионален начин, има задоволство дополнително да даде и финансиска награда за најзаслужниот за овој извонреден успех кој е круна на повеќегодишната систематска работа на стручниот штаб сесрдно поддржан од Олимпискиот комитет, соопштиja попладнево од МОК.
Финансиската еднократна награда ќе изнесува 10.000 евра, а дополнително МОК на Георгиевски ќе му обезбеди стипендија за следните Олимписки игри во Париз 2024 во износ од 1.000 долари месечно.
Претходно Владата на седница донесе одлука на нашиот претставник на Олимписките игри во Токио да му биде доделена парична награда во висина од 1.200.000 денари, а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени 600.000 денари“, соопшти Владата.
Георгиевски ќе биде награден и со дополнителни 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.
И Град Скопје ќе му додели парична награда во износ од 300.000 денари на Георгиевски.
Оваа одлука, на иницијатива на градоначалникот Петре Шилегов, ќе се најде на дневниот ред на следната седница на Советот на Град Скопје.
За вечерва во 19:30 часот на плоштадот во Скопје е закажан дочекот на Дејан Георгиевски.
Тој попладнево слета на скопскиот Аеродром каде беше дочекан од директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и стотици навивачи, членови на неговото семејство, претставници на неговиот клуб „Бутел“.
-Благодарност до сите за поддршката. Чувството е одлично. Премногу сум уморен. Покана вечер да дојдете да го прославиме овој успех кој не е само за мене, туку за цела Македонија, изјави тој.