Дрвјата на кејот „13 Ноември“ биле бетонирани по грешката на изведувачот кој за тоа ќе биде казнет, соопшти денеска Градот Скопје за скандалозност која што се случи вчера попладне.
– Откако граѓаните и невладините организации забележаа дека се бетонирани неколку дрвја на кеј „13 Ноември“, екипите на Град Скопје веднаш ги ослободија дрвјата. За ситуацијата веднаш реагираше и градоначалникот Шилегов кој вчера беше присутен на терен и ја координираше работата на службите што беа задолжени за експресната интервенција при ослободувањето на дрвјата. Со ослободувањето, сите дрвја на кејот сега се целосно заштитени и нема да имаат последици при нивното растење и развивање, се наведува во соопштението.
Град Скопје искажува благодарност до граѓаните и невладините организации за алармантноста при грешката на изведувачот, што овозможи и брза реакција на градските служби во оваа ситуација. По налог на градоначалникот Шилегов, од страна на градскиот инспекторат беше направен и записник според кој изведувачот ќе биде казнет.
Градот Скопје наведува дека со реконструкцијата на кејот „13 Ноември“ е опфатено целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, смарт клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот. На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила.