Забрана за продажбата на 10 типови пластични производи од еднократна пластика од денеска стапи во сила во земјите на Европската унија. Забраната е донесена со цел да се забави загадувањето со пластика. Со законот се опфатени прибор за јадење од пластика, чинии од пластика, сламки, чаши, вклучително и капачиња за чаши, чепкалки за уши и пластични држачи за балони. Освен тоа, забраната важи и за пакувања за храна за носење од стиропор, како и чаши од стиропор.
Законот дозволува натамошна употреба на влажни марамчиња, влошки, тампони и производи од тутун со филтер, но тие во иднина треба на пакувањето или на самиот продукт да имаат и информации за содржината, како и да биде наведено какви последици за животната средина би имало неправилно постапување по нивната употреба.
Трговците сега се обврзани да се префрлат на продажба на вакви производи од материјали кои може да се рециклираат, како стакло или метал. Стратегијата за пластика на ЕУ беше креирана во 2018 година со цел целосно да се смени создавањето и рециклирањето на пластиката. Според текстот на стратегијата, сите пластични амбалажи во ЕУ до крајот на оваа деценија мора да бидат рециклирачки.