Километарски колони на граничниот премин „Табановце“ регистрираат надзорните камери на Јавното претпријатие за државни патишта. Стотици возила чекаат за влез во соседна Србија, а најголем дел од нив се упатуваат кон вакциналните пунктови во Врање, Ниш и Белград.
На Белградскиот саем и во салата Чаир во Ниш викендов ќе се ревакцинираат околу 15.000 македонски граѓани, кои на 27 и 28 март ја примија првата доза на вакцината „Астра Зенека“.
Според податоците на српските здравствени власти, 13.000 граѓани од регионот и Европа биле поканети во сабота и недела да се ревакцинираат на Белградскиот саем, откако поминаа 12 недели од првата доза.
Исто така и во Ниш од денеска до 21 јуни се очекува голема гужва, кога е терминот за повторна вакцинација на 5.700 македонски граѓани кои во март таму ја примија „Астра Зенека“, организирано преку Регионалната стопанска комора.
Точниот број на вакцинитраните македонски граѓани во Србија не се знае, но за тој прв бран, министерот за здравство Златибор Лончар рече дека е околу 15.000 лица.
Но, во меѓувреме, Србија дозволи наши граѓани да се вакциираат без регистрација на сите 225 пунктови во Србија, но најмногу ги има во Врање и Ниш.
Така, вчера во Спортската сала во Врање дадени се вкупно 627 дози вакцини од кои 290 на наши граѓани.