Директорите на Фондот за здравствено осигурување ќе возат автомобили на Форд марка „Mondeo titanium“. Двата автомобили чинат над 5 милиони денари или околу 80 илјади евра. Во среде ковид-криза, a и кога Македонија допрва ќе треба да се опоравува економски заради ударот што здравствената криза и го зададе на економијата, беше ли неопходно ова да се направи?
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека набавката била направена затоа што потребни им биле нови возила, бидејќи сегашните кои ги возат биле стари.
-ФЗО последен пат има набавено 2 (две) патнички моторни возила марка Skoda Octavia Ambition 2,0 Tdi за свои потреби на 20.03.2014 година. Овие возила , Фондот ги користи за потребите на Централата и на 30-те подрачни служби на ФЗО низ државата. Со оглед на тоа што двете возила имаат поминато над 300 000 километри, тие се крајно амортизирани и трошоците за нивно одржување се значително големи, изјавиле од Фондот за дел од медиумите.
Толку беа неопходни возилата баш сега? Се запрашаа ли директорите и раководителите во оваа институција пред да ги потрошат парите на автомобили, колку вакцини, маски, скафандери, терапија за ковид-болните… можеше да се купи со 80 илјади евра? Зарем немаше поинакви и поефтини модели на автомобили што може да се купат, во време кога Македонија, само за да може финансиски да издржи, е задолжена до трето колено неродени бебиња само во овој момент?