Го разгледуваме начинот за декласификација на документите за набавка на кинеските вакцини, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче, откако во јавноста се отворија многу прашања по објавата од опозицјата за тоа како се набавувале вакцините и за инволвираноста на една фирма од Хонгконг.
Според Филипче, опозицијата сама себе се фати во лага и дека се патолошки зависни од лажни вести за наводни провизии и упати на јавни финансии каде се објавени сите документи.
Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) вчера објави дека е при крај со предметот за набавката на вакцините против ковид-19 и има информации, но тие сѐ уште не се целосни.
Антикорупциската комисија добила од Народна банка (НБ) документ за извршена исплата на седум милиони и 800 илјади долари за увоз на стока, односно Министерството за здравство средствата ги има исплатено на 15 февруари, а НБ ги има реализирано во корист на „Стабри интернешнл“ од Хонгконг.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ завчера објави документ според кој Министерството за здравство ѝ платило 7.800.000 американски долари на посредничката фирма „Стабри интернешнл“ од Хонгконг за набавка на вакцини против ковид-19 од Кина, како продолжение на случајот што го отвори италијанскиот весник „Ла Верита“, исплатата е извршена на 15 февруари 2021 година.