Невообичаено висок број на казнети возачи за пребрзо возење е резултат на полициските контроли кои во изминативе два дена ги спровела полицијата низ Македонија. Од вчерашното и од денешното соопштение на МВР произлегува дека вкупно 1.311 лица се санкционирани поради овој сообраќаен прекршок кој е најчеста причина за сообраќајните несреќи.
–Во текот на вчерашниот ден Мобилната единица за безбедност во сообраќајот на патиштата спроведе зајакната акциска контрола за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената на територијата на земјава, при што санкционирани се 395 возила. Од нив, 26 се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а пет возила се движеле со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното, соопшти денеска МВР.
Во вчерашното соопштение беше наведено дека ваков прекршок направила вкупно 916 возачи на разни сообраќајници во Македонија. Од нив, 107 се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а 30 возила се движеле со брзина над 70 километри на час повеќе од дозволеното.
Дали ова ќе ги вразуми здивените возачи или контролите треба да продолжат подолг период? Инаку, казните за пречекорување на дозволената брзина на патишта надвор од населени места се различни. Тие се движат од 400 евра за пречекорување на дозволената брзина поголемо од 70 километри на час па до 20 евра ако возилото се движи со брзина поголема до 30 км/ч над дозволената брзина.