Да се почитува Генералниот урбанистички план и јавниот интерес во случајот на ДУП-от за просторот спроти хотелот „Холидеј ин“, e став на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) и Академијата на архитекти. Во соопштението до јавноста наведуваат дека тие како архитекти не се против градење, ниту пак против личните и бизнис интереси на поединци, но „доколку тие не го загрозуваат квалитетот на животниот простор и јавното добро“.
-Асоцијацијата на архитекти е за доследно почитување на целите, проекциите и планските решенија од Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 и плановите од пониско ниво мора да бидат усогласени со овој стратешки план. Тоа се однесува и на планот во чиј состав е оваа локација спроти хотелот ‘Холидеј ин‘, но и за сите останати за кои постои интерес во јавноста како што се фабриката Треска, Дебар Маало, Мал Ринг, Езеро Треска, Расадник, се вели во соопштението од Асоцијацијата.
Архитектите велат дека ДУП-ови, кои претставуваат акти од јавен интерес, треба да содржат креативни решенија кои на жителите, корисниците и посетителите на просторот ќе им овозможат негово безбедно, квалитетно и комфорно користење. Доколку не е така истите мораат да бидат коригирани.
–Во изминатиот период Асоцијацијата го поддржа мораториумот за градење на 33 Детални планови во Општина Центар, како единствен начин да се спречи спроведувањето на важечките планови кај кои се констатирани сериозни прекршувања и недоследности во однос на ГУП и општите правила и параметри на урбанистичко планирање. Но, напоменуваме дека мораториумот има смисла ако е временски и содржински строго и наменски ограничен, велат од Асоцијацијата.
Тие додаваат дека кон средината на 2019 на средба со претставници на Општина Центар било посочено дека одолговлекувањето на состојбите е контрапродуктивно и се понудиле активно да бидат вклучени во разрешувањето на проблемите со конкретни предлози за тоа како побрзо и поефикасно да се делува.
Упатена е и пораката до колегите архитекти квалитетниот и хуман простор да им биде иманентна цел, до граѓаните да учествуваaт во донесувањето на одлуките за креирање на просторот, а на локалната самоуправа и на Министерството за транспорт и врски им се порачува да се почитува квалитетниот градски простор и одговорно да менеџира со државното земјиште како јавно добро.