Дали во Македонија врнат пари? Не. Но, Владата се однесува како да врнат. Имено, јавноста и граѓаните вчера слушнаа за што се се трошат нивните пари во Владата. И покрај околу 250 вработени во Генералниот секретаријат на Владата потребно било, месечно, да се изнајмуваат услугите на 58, 55… хонорарни соработници кои месечно биле плаќани од 14 до 60 илјади денари, односно, вкупно повеќе од 37 илјади евра.
Во 2019 и 2020 година за тоа биле издвоени дури еден милион евра. Толку пари за да се пишуваат соопштенија од пресови, разни студии, организатор на продукција, советник за борба против ковид-19, графички дизајнер, монтажер, советник за геодезија, советник за европски интеграции, преведувачи… Во бројната државна и друга администрација не можело да се најде соодветен кадар па морало да се ангажираат лицата од надвор и сето тоа да се плати со пари од граѓаните.
Во Владата не гледаат дека претерале? Прво поради тоа што соработниците се ангажираат за некои работи кои делуваат речиси банално, а второ што се многу и нивните услуги се скапи.
Поради тоа, ваквите хонорарци треба да се сведат на минимум и да се плаќаат само кога навистина има потреба по нив. Оти тешко е да се убедат граѓаните дека е потребно да се плаќа некој од страна по околу 40.000 денари месечно за да пишува соопштенија за јавност, а во Владата за тоа постои цела посебна служба со околу дваесетина вработени!? Тогаш, кој е (не)потребен во Владата, некој очигледно е вишок?
Владата да не чека (какои обично) да слегне незадоволството и реакциите и да си тера по старо. На голем дел од тие хонорарци треба веднаш да им се заблагодари, а парите да ги користи за поважни работи, за кои накчесто велат дека пари нема.
Па нели во Владата се штеди и се брои секоја чаша вода на министрите?