Македонија до јуни треба да добие 100.620 дози на вакцините против корона вирусот „Фајзер“ преку глобалната програма Ковакс. Нашата земја се најде на листата од околу стотина земји за кои испораката на овие вакцини би требала да се случи до почетокот на летото. Околу 14,1 милиони дози вакцини против Ковид-19 од „Фајзер“ е во план да се испорачаат во 47 земји во вториот квартал од оваа година, објави Глобалниот сојуз за вакцини и имунизација (Гави). Според објавениот распоред, Бразил, Колумбија, Мексико, Филипини, Јужна Африка и Украина ќе добијат најмногу од овие вакцини од глобалната програма Ковакс. Освен Македонија и Босна и Херцеговина и Косово до јуни се очекува да добијат по 100.620 дози од оваа вакцина.
Земјите од Западен Балкан првите дози на вакцини преку системот Ковакс ги добија во средината на март. Во Македонија на 28 март годинава пристигнаа 24.000 дози вакцини од производителот „АстраЗенека“.
Ова е ново поместување на терминот за испорака на вакцини. Македонскиот премиер Зоран Заев неодамна најави дека до крајот на април во наша земја ќе стасаат околу 300.000 вакцини против Ковид-19.
-Околу 20.000-25.000 наредната недела очекуваме да добиеме од Европската унија во рамките на пакетот од 650.000 вакцини за цел Западен Балкан. Месецов треба да стасаат и првите количини на ‘Фајзер’ од директниот договор што го имаме со оваа компанија, како и втора пратка од Ковакс механизмот на вакцини „АстраЗенека“. Исто така, овој месец очекуваме и 200.000 дози од кинеската ‘Синофарм’, како и поголем дел од руската „Спутник“ од директниот договор што го имаме со нив“, рече премиерот Заев, на прес-конференцијата одржана на 8 април за ефектите од досегашните четири пакети економски мерки.
Дали новите термини се конечни?