Dark Mode Light Mode

Стигнаа уште 20.000 руски вакцини, ама од Србија

Дваесет илјади дози од руската вакцина „спутник В“ стигнаа денеска во Maкедонија. Но, не како дел од контингентот што ние го нарачавме од Русија, туку од Србија како донација.

Тие се првиот дел од вкупно 40.000 вакви вакцини кои ќе ги добиеме од Србија и се на барање на премиерот Зоран Заев до српскиот претседател Александар Вучиќ.

Заев и министерот за здравство Венко Филипче се заблагодарија на српските власти за оваа донација, која треба да овозможи вакцинацијата (за која велат дека е масовна) која вчера започна, да не биде прекината.

Реклама

Филипче рече дека овие вакцини ќе се искористат за вакцинирање на сите од првата категорија најризични категории, а потоа ќе може да се вклучат и сите оние од критичната инфраструктура – полиција, војска, пожарникари, вработени во судовите, возачи во ЈСП и новинари…

Заев и Филипче се заблагодарија на српските власти и за отворањето на границите за наши граѓани да се вакцинираат таму, нарекувајќи го највисок чин на пријателство. Според бројот на оние кои излегле од границата во тој период, околу 10.000 наши државјани се вакцинирале таму.

Ги повикаа граѓаните да се вакцинираат, како начин да се победи пандемијата и дека сите вакцини се безбедни. Заев рече дека и тој и сите министри веќе се регистрирале во системот за вакцинација, истакнувајќи дека не му е важно која вакцина ќе ја прими, туку како што ќе дојде редот и со која и да е вакцина на располагање.

Досега од Србија, освен денешните, имаме добиено над 8.600 од „Фајзер“. Пристигнаа и 6.000 вакцини „спутник В“, сите за здравствените работници.

Со првите 24.000 вакцини „Астра Зенека“ од вчера започна вакцинацијата на лицата над 70 години, бидејќи поради пријавени случаи на тробоцитна реакција во некои земји, запрена е вакцинацијата на популацијата под 60 години.

 

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Нови 79 хоспитализирани со ковид во Скопје, 1.649 во цела држава

Next Post

Кривична за директорот кој во кичевската библиотека постави табла со Република Албанија

Реклама