Во основното училиште „Ѓорче Петров“ во населбата Дексион, каде што настава следат 350 ученици, започна отстранувањето на азбестните плочи и се поставува нов енегретски ефикасен покрив.
Веста ја објави Општината Ѓорче Петров, со напомена дека градежните работи треба да завршат за три месеци.
Азбестните цементни плочи се отстрануваат со посебна процедура и потоа ќе бидат однесени во депонијата Дрисла.
За азбестот последниве децении може да се прочита многу, а најчесто тој се смета за многу штетен за здравјето на луѓето, според некои студии е дури и канцероген. Со оглед дека во овој објект најголем број од оние кои поминуваат време се децата, потегот на Општината е за поздравување. Но, исто така, останува и забелешката дека, иако овие азбестни плочи стојат тука 50 години, дури сега е одлучено тие да се сменат.