Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ денеска побараа пописот кој треба да започне следната недела, да се одложи за септември.
За тоа бараат итна седница на Собранието за да се измени Законот за попис.
Како причини ја наведуваат здравствената и епидемиолошка состојба, бидејќи поради тоа нема услови за безбеден и веродостоен попис кој би дал соодветни и релевантни податоци.
Пратеникот Антонијо Милошоски во име на партијата посочи неколку држави во регионот и во Европа – Ирска, Србија, Германија, Хрватска, Албанија, Бугарија, Романија кои ги одложија пописите токму од овие причини.
Тој ја повика Владата и владејачкото мнозинство да закажат итна седница за да може законски да се интервенира и да се измени Законот за попис на населението со одложување за септември, како најран термин за одржување на попис, но под услов во следните месеци да има сериозен и динамичен процес на имунизација.