Веќе речиси цел месец македонскиот парламент не одржал пленарна седница. Завчерашното одржување на седницата посветена на пратеничките прашања не треба да се доживее како пресврт во оваа пауза. Очигледно беше дека се собра мнозинство само поради заинтересираноста на опозицијата за ваков вид седници.
Не треба многу па да се заклучи дека главна причина за ваков „одмор“ на пратениците е неможноста на парламентарното мнозинство да собере кворум од 61 пратеник за да започне седница. Поради тоа куп закони и други акти чекаат на усвојување. Единствено што се одржува се седници на одделни комисии и по некоја јавна расправа каква што беше за реформата на основното образование. До кога вака, никој не кажува.
До скоро, причина за паузирањето се бараше во заболени од корона вирусот, а сега се поочигледно станува дека има проблеми во редовите на парламентарното мнозинство кое на список има 62 пратеници. Меѓупартиски или внатрепартиски разидувања си го прават своето. Кај коалицијата предводена од СДСМ веќе речиси секој партнер отсега ќе делува самостојно „со поддршка на Владата“, а кај ДУИ веќе не се крие нетрпеливоста меѓу високи функционери и влијателни пратеници. Во редовите на „интегративците“ проблемите се недоразбирањата со пратеникот Изет Меџити и негови двајца истомисленици кои не мислат како останати во партијата.
Опозицијата, пак, во ваква ситуација не сака да служи за пополнување на кворумот и да и помага на власта да си одржува собраниски седници. Спикерот Талат Џафери истакна дека ситуацијата е загрижувачка, но што ќе преземе, не кажа.
Дали вака ќе тера Собранието до недоглед?
За потсетување, пред изборите токму од сегашната владина коалиција постојано се потенцираше колку е важно да се има парламент кој ќе работи постојано. Затоа и брзаа на избори среде пандемија…