Ограничен број на возила и само во два периода дневно ќе може да се движи по сообраќајницата на кејот „13 Ноември“, објасни денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов во одговор на советничко прашање. Тој рече дека движењето на возилата по оваа секундарна сообраќајница ќе биде решено по договорот со „Телеком“.
-Ќе станува збор за движење на сериозно редуциран број на возила, со ново смарт решение коешто со препознавање на патниците ќе се подигнува рампата, па потоа и втората рампа ќе треба да го препознае возилото за да може да влезе на кејот. Ова ќе биде во строго определени часови во текот на денот, од еден до еден ипол час, исклучиво наутро кога одат на работа и попладне кога излегуваат од работа. Односно, од 8 до 9 и 30 часот наутро и од 14 до 17 и 30 часот. Тоа ќе бидат ограничен број на возила коишто ќе добијат посебни одобренија и ќе бидат внесени во софтверот за да може да се контролира нивното движење, објасни градоначалникот.
Да се надеваме дека овој пат навистина ќе се воведе ред на кејот кај ГТЦ. До сега многу се ветуваше, ама таму возеше и паркираше кој ќе посака.
Инаку, пред неколку денови веќе започнаа градежните активности за реконструкција на кејот „13 Ноември“ каде е предвидено преуредување на партерот. Веќе нема да има централни тераси во средината туку тоа ќе биде целосно еден јавен простор којшто ќе служи на граѓаните како шеталиште. Согласно со програмата што ја носи Општина Центар за поставување урбана опрема, веројатно ќе има зголемување на терасите, односно предните тераси на локалите.