Советот на Скопје вчера ја усвои листата од 570 нови имиња со кои ќе се именуваат улиците, мостовите, плоштадите и други јавни објекти во Скопје. Како што и претходно најавија градските власти, улици во градот ќе добијат нови имиња, односно ќе ги вратат старите. На ова се противеше опозицијата во Советот предводена од ВМРО-ДПМНЕ која неодамна направи и протестна блокада на булеварот „Борис Трајковски“ барајќи да се повлече оваа точка од дневниот ред.
Противење против промената на имињата на улиците како опозиција искажуваше и СДСМ во време кога на чело на Скопје градоначалник Коце Трајановски и кога мнозинство во Советот го имаше ВМРО-ДПМНЕ. Сега, улогите се сменија и поранешната опозиција сега во улога на владеачко мнозинство планира да ги врати некои од имињата и да обезбеди фонд за избор по свој вкус бидејќи тогаш не биле консултирани.
Не треба да се има дилеми дека, доколу на есенските локални избори дојде до промена во власта во Скопје, пак ќе следи процесот на преименувањето на улиците, плоштадите, мостовите… А ако по и тие четири години пак се смени власта, пак ќе има преименување.
Значи ли ова дека скопјани на секои четири години ќе бидат сведоци на преименувањата? А кога ќе бидеме сведоци на градење, е тоа е неизвесно.