Вакцинирањето против ковид-19 во нашата земја ќе почне в среда со првите дози на „Фајзер“ вакцините кои ги добивме како донација од Србија денеска, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
Се работи за 4.680 од вкупно 8.000 вакцини од компанијата „Фајзер“, кои Србија ни ги отстапува од својата набавка.
Вакцинацијата ќе се одвива во три фази – првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција.
Се работи за здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје.
Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.