Антикорупциска комисија до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност за Драги Рашковски за примање награда – возило.
Според ДКСК екс-генералниот секретар во Владата, Драги Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски, очигледно тенденциозно, доставувал информација до Владата за градење објекти од страна на гостиварска фирма што се сопственост на државата, која за десеткратно помала цена му продала возило на Игор Христов, а тој потоа го подарил на сопругата на Рашковски.
Во анкетниот лист од 05.03.2021 година Драги Рашковски, тогашен секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата, навел дека со договор за подарок неговата сопруга се стекнала со автомобил марка „доџ“, произведен 2005 година во вредност од 300 илјади денари или околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.
Од МВР до Антикорупциска биле доставени два договори и тоа за купопродажба на возилото „доџ“ кабриолет склучен на 09.11.2020 година меѓу гостиварска фирма и Игор Христов и договор за истото патничко возило склучен на 10.02.2021 година меѓу Игор Христов и Вероника Рашковска, сопругата на Драги. Инаку, Христов е и советник во Владата, како и еден од осомничените во случајот со Рашковски за набавка на софтверите.
По извршената проверка на пазарот, оваа марка на возило иако е произведена 2005 година чини од околу 50 илјади евра па нагоре, што е, како што рече, десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот.