Сочувани или потрошени, каде се наоѓаат, на која сметка…? Ова е прашањe коe одново се наметнуваат за 12,7 милиони евра, пари за кои претходниот скопски градоначалник Петре Шилегов ја продаде Градската куќа на компанијата ЕВН. Дилемите се појавија минатиот петок откако на брифингот со новинарите актуелната градоначалничка Данела Арсовска рече дека тие пари веќе ги нема.
-Градската куќа, иако вреди 20 милиони евра, од претходното раководство на градот била продадена за 12 милиони евра, пари кои ги нема, изјави Арсовска во контекст на вкупниот долг на Градот од околу 50 милиони евра направен од Шилегов.
Ова не е за првпат Арсовска да тврди дека парите од продажбата на објектот кој почнал да го гради тогашниот градоначалник Коце Трајановски се потрошени. Таа и во својата кампања за градскиот татко излезе со вакво тврдење и најави расчистување на случајот.
-Прво ќе истражиме како и зошто се продаде Градската куќа за 12 милиони евра и каде отидоа тие средства и да видиме како тие средства се потрошија, да побараме отчетност и одговорност за тие пари на скопјани. Со месеци бараме одговор на тие прашања, но одговори немаме, рече во октомври Арсовска.
Ваквите нејзини тврдења тогаш беа демантирани од владеачката партија СДСМ.
-Парите од продажбата на Градската куќа се во Буџетот на Градот. „Независната“ кандидатка со кампања дебело финансирана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска продолжува во јавноста да шири неинформираност и непознавање на законите, мислејќи дека некој може да продаде јавен имот и парите да ги снема, одговорија од оваа партија.
Сега, Арсовска пак излегува со истото тврдење, но овој пат како градонаќалник има можност да види ги има или не парите.
Нејзиниот претходник Шилегов од петокот молчи и не дава изјави и објаснувања за ваквото обвинување. Јавноста, пак, сака да слушне конкретен одговор, а не меѓусебни обвинувања и, доколку имало злоупотреби на народни пари – соодветна кривична постапка.
Шилегов на почетокот на октомври објави оглас за купување на нов објект за Градска куќа кој би чинел до 11 милиони евра. Понудите треда да испонуваат услови објектот да биде во строгиот центар на градот односно во Мал ринг, да има површина од 4.000 до 9.000 метри квадратни, паркинг простор за 20 до 70 возила, обезбедена инфраструктура и имотен лист или лист за предбележување. Не е познато дали се добиени понуди.
Инаку, Шилегов ја продаде градската куќа која ја направи Коце Трајановски со образложение дека не е на соодветно место и не е доволно голема за да ја собере градската администрација.