Тринеделниот зимски распуст ќе биде во редовниот период, согласно календарот на МОН, рече министерката за образование Мила Царовска и додаде дека нема потреба од негово поместување, бидејќи состојбата со ковид во земјава и натаму е стабилна.
Во случај состојбата со ковид драстично да се промени поради ризикот со омикрон, тогаш МОН има одговорност да ја разгледа ситуацијата и заедно со Комисијата за заразни болести да донесе одлука која ќе биде во интерес на учениците и заштита на јавното здравје.
Во однос на наставата која од септември се спроведува со физичко присуство, Царовска истакна дека досега покажува одлични резултати. Во ниту еден момент активните случаи со ковид-19 кај учениците кои следат настава со физичко присуство не надминал 0,3 проценти, што укажува на стабилност на состојбата, а дека највисок интерес на децата во моментот е да бидат во училиште, рече таа.
-Се почитуваат протоколите, се штити јавното здравје, а учениците имаат соодветни услови за учење во училиштата. Скринингот направен од Министерството за здравство покажа дека состојбата е стабилна. МОН дневно од сите училишта собира податоци и процентот на нови позитивни случаи не се зголемува повеќе од 0,3, а во последните недели не е ни повеќе од 0,02 проценти, истакна Царовска.