Датумот на кој ќе ни беше даден датум за добивање на датум за преговори со ЕУ не дојде и годинава. А толку многу се изнаслушавме минативе 340 дена дека Брисел многу не сака и посакува да влеземе во Унијата.
Додуша се изнаслушавме и од македонската Влада дека еве само што не е дојден датумот за којк тие многу одработиле. Неколку пати и го славеа доаѓањето, еднаш и министри сосе прамиерот со дигнати палци се фотографираа, ама…
Македонија неодамна од ЕУ, по заседанието на нејзиниот Совет за општи работи, повторно доби одговор како и во претходните прилики: бугарското вето остана, вратите за вас се отворени…
По тоа, од официјален Брисел нема нови изјави, нови навестувања, давање нови надежи. Се чини работите како сега да се оставени на контактите на македонската и на бугарската страна.
Македонската страна, пак, си продолжува по старото однесување. Министерот за надворешни работи Бујар Османи викендов изјави дека спорот би можел да се реши уште во јануари оти Бугарија сега има Влада. Вакви и слични изјави од наши претставници имаше на претек. Но, од друга страна новиот бугарски премиер Кирил Петков изјави дека сака да дојде во Македонија кога ќе биде избран нов македонски премиер. Тогаш би паднал и договорот за формирање на пет работни групи кои ќе се среќаваат еднаш месечно. А тоа значи дека решавањето на спорот ќе трае многу подолго отколку само во јануари…
Прашање, пак, е што во овој период ќе прави ЕУ? Дали лидерите на унијата ќе направат нешто во одбрана на принципите на ЕУ и секако на даденото ветување кон Македонија? Што ли ќе направи на пример холандскиот премиер Марк Руте кој минатиот месец беше во посета на Скопје, кога не се знаеше дали Заев ќе има мнозинство за да опстане Владата? Тој тогаш ни кажа дека „не е точно дека Бугарија е оставена да прави што сака“ и дека колективно имаат многу преговори со софиските власти. Ќе оди во Софија или пак ќе дојде во Скопје за да ни објасни дека Бугарија навистина нема да биде оставена да прави што сака?
Всушност, би било добро официјална бриселска администрација да го каже својот став по бугарска категоричност и за нивните барања-условувања до Македонија.