Денеска се одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна.
На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и 50. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичка окупација.
По неколкудневните тешки борби со припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“, која беше распоредена пред Качаничката Клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
По повод одбележувањето на 13 Ноември, борците од Народноослободителната антифашистичка војна ќе имаат средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
По средбата предвидено е делегациите да положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел и на вечното почивалиште на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужни граѓани. Делегациите ќе положат цвеќе и пред Споменикот на ослободителите на Скопје, пред Владата.
Во Филхармонијата вечер ќе биде доделена и наградата „13 Ноември“.