Свечените изјави со Република Македонија што ги потпишаа штипските советници од ВМРО-ДПМНЕ и Левица се спротивни на Уставот, заклучија инспекторите од Државниот инспекторат за локалната самоуправа.
До градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов и до претседателката на Советот Весна Карагунова Кожинкова е испратена опомена, во која се посочува дека советниците од мнозинството ќе мора да потпишат нови свечени изјави, но и да се повторат одлуките кои во меѓувреме се донесени.
Во решението од инспекцијата стои дека свечените изјави треба да се усогласат со Уставот бидејќи тој е највисок правен акт кој произведува супериорно правно дејство и сите закони и прописи мора да бидат усогласени со него.
Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Душко Иванов најавија дека ќе имаат координација и ќе го кажат својот став како понатаму ќе постапат. Доколку мнозинството советници не постапи согласно добиеното решение од Инспекторатот во рокот кој им е даден, во тој случај можат да се соочат и со мерката „забрана за прописи“. Ова ќе значи целосна блокада на работата на Советот на општината.