Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски денеска беше во увид на подготвителните работи за расчистување на депонијата во Ново Село, еден од најголемите еколошки проблем на ѓорчепетровци и скопјани.
– Почнавме со зафати за нејзино расчистување и конечно решавање на целиот проблем што го имавме изминатите години. На овој простор од денеска започнуваат активности за нејзино санирање. Откако ќе заврши санацијата со одлагање на отпадот од оваа локација во депонијата „Дрисла“, во соработка со Градот Скопје, ќе пристапиме кон уредување на просторот, како и зазеленување, формирање на паркови на овој дел од Ѓорче Петров. Со тоа се надевам дека ќе имаме голем придонес кон функционирањето на месното население кое трпи последици, како и поширокиот дел од Ѓорче Петров. Воедно граѓаните ќе добијат и нова зона за рекреација и место каде што ќе можат да ги поминуваат слободните активности, истакна Стојкоски.
Градоначалникот на Ѓорче Петров посочи дека треба да се продолжи заштитната ограда, за да се оневозможи физичкиот пристап на лицата кои одлагаат отпад. Во делот на физичката заштита ќе има чуварска служба, а се планира, зависно од набавките за наредната година, да се обезбеди и видео мониторинг, но и зајакнување на капацитетите на инспекциските служби.