Воведувањето бесплатен јавен превоз во Скопје, одржувањето на седниците на Советот на Град Скопје и работењето на јавните претпријатија биле само дел од темите на кои се разговарало на денешната прва средба на градоначалникот Данела Арсовска со дел од медиумите.
-Во мојот мандат имам намера да покажам дека работите во Градот Скопје може да се водат поинаку, без вмешување на политиката, туку со почовечен пристап едни со други, како меѓу вработените во администрацијата, така и со граѓаните. Посветено ќе работам на остварување на мојата програма и на визијата за модерно Скопје, е изјавата на Арсовска наведена во соопштението на Градот Скопје.
Инаку, во соопштението се наведува дека Арсовска изјавила дека веќе е почната реализацијата на првите проекти од нејзината програма кои се предвидени за спроведување во првите 82 дена, како што е акцијата за расчистување на дивите депонии.