Седницата за гласање недоверба за Владата трае до полноќ и чекаме да се појави пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, порача попладнево лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Освен порака на социјалните медиуми не знаеме што се случува, каде и дали е доброволно таму. Пратеници туку-така не исчезнуваат, во тие заедници во којшто тој ги наведе во својот статус како САД и ЕУ. Претседателот на државата, којшто е најодговорен во вакви ситуации заедно со претседателот на Владата немаат одговор каде е и дали е киднапиран и се држи без согласност или доброволно. Не знам ако беше доброволно зошто не се појави тука и да си гласа против. Ќе го спасевме народот од ваков срам. Вака се отвора простор за многу шпекулации и за многу изјави од различни извори, но јасно е дека власта се прпелка во живата кал и ова е срам за демократијата, рече Мицкоски.
Тој порача дека за ваквиот развој на настаните се шпекулирало уште од вчера и дека за ВМРО-ДПМНЕ ова било очекувано.
-Ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници се поставува прашањето дали воопшто вреди човек тука да се занимава со политика додека постои власта на Заев. Ако се потврди дека е држен против негова волја тоа предизвикува силно чувство на гадење, рече Мицкоски.
На прашањето, што ако не се појави Реџепи и дали опозицијата ќе се обиде на друг начин да обезбеди мнозинство за гласање на недоверба на Владата, Мицкоски рече:
-Немам методи какви што има власта да држам во заложништво пратеници или луѓе, ако е тоа точно. Не знам дали е точно. Ниту на памет ми паѓа на тој начин да преговаравам, рече Мицкоски.
Мицкоски уште еднаш повтори дека неопходни се брзи предвремени парламентарни избори за излез од кризата.
Лидерот на Беса чиј пратеник е Реџепи исто така рече дека се сомнева оти тој негде се држи присилно.
Реџепи на социјалните мрежи денеска напиша дека одлучил да не доаѓа во Собрание, за доброто на процесот и силните сигнали од стратешките партнери САД и земјите од ЕУ кои ми беа доставени од високи дипломатски претставници.