Министерството за локална самоуправа денеска преку соопштение побара од сите единици на локалната самоуправа да го почитуваат Уставот и законите и потенцираат дека нема да се дозволи незаконско работење на советите.
-Имајќи го предвид начинот на конституирање на новоизбраните совети во некои од општините и давањето на свечената изјава од страна на новоизбраните членови, а во врска со примената на уставното име на Република Северена Македонија, Министерството за локална самоуправа го дава следново мислење: Уставот на Република Северна Македонија, во Главата 1.Основни одредби, член 8, ставот (1) алинеја 3 и 9, како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, ги утврдува владеењето на правото и локалната самоуправа. Според членот 51 од Уставот „Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“, се вели во соопштението од Министерството за локална самоуправа.
Од Министерството појаснуваат дека амандманите XXXIII, XXXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ги донесе и прогласи на седницата одржана на 11 јануари 2019 година. Согласно Амандманот XXXIII на Уставот зборовите:„Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Севеерна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.
Според Министерството, имајќи ги предвид штетните последици коишто можат да произлезат од нефункционирањето на советите, односно општините, како и штетните последици со коишто се нарушува меѓународннот углед на државата и се поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија, поради непочитување на Уставот и ратификуваните меѓународни договори, неопходно е градоначалникот, за членовите на Советот и за општинската администрација да се придружуваат кон Уставот и законите, во делот на нивните обврски.
Денешната реакција од Министерството е откако советиците во општините Штип, Аеродром и Кисела Вода потпишаа свечени изјави со Република Македонија и притоа се повикаа на Законот за локална самоуправа. Од Министерството ќе испратат инспекциски надзор во овие совети по што ќе се донесе одлука.