Во иднина нападот врз новинари ќе се третира исто како напад врз службено лице, a Јавното обвинителство ќе ги гони по службена должност.
Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска ги претстави измените на Кривичниот законик со кои се предвидуват конкретни новини со кои во државата се зголемува безбедноста на новинарите, но и медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите.
– Досега новинарите мора да ги пријават нападите врз нив или бил кој вид на закани, или несакана комуникација која што значи притисок врз новинарите. Сето тоа може да го гони јавното обвинителство. Случајот на 27 април е еклатантен пример во спречување на новинарите во вршење на својата професија. Таков случај имаше и на 24 декември 2012 година. Се надеваме дека овие законски измени ќе придонесат за појасна слика и во судството и во нивното постапување. Без притоа да се мешаме од случај во случај, изјави министерот Маричиќ, додавајќи дека се воведуваа строги казни и за закана за напад врз новинари.
Измените и дополнувања на Кривичниот законик, се усвоени на денешната Владина седница.
Дополнително, посочи Маричиќ, на владината седница поминале и измените на Законот за граѓанска одговорност, каде што има значително намалување на сумата што ќе ја плаќаат новинарите или пак медиумите, ако евентуално изгубат спор за клевета или навреда – максимални 400 евра за клевета и навреда, за разлика од минатото каде што оваа сум изнесуваше 2.000 евра.
За уредниците, со измените надоместокот на штета не смее да биде поголем до 2.000 евра. За потсетување по постојниот закон тој е 10.000 евра. За правното лице пак, од 15.000 се намалува на максимални 5.000 евра.