Судот ги изрече пресудите за организаторите за упадот во Собранието на 27 април – поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски е осуден на шест години и шест месеци затворска казна, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, на шест години и три месеци, а поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, на шест години.
-Виновни се затоа што по неуспешните преговори за формирање на Влада, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поред и безбедност на Македонија со акти на насилство за да не се предаде мирно власта. Како отежителни околности се тежината на кривичното дело е позицијата на обвинетите, умислата на обвинетите, општествената опасност од таквиот вид на кривични дела бидејќи се повреди сржта на претставничката демократија, степенот на кривична одговорност кои делувале како организатори, што се посегна по редовното функционирање на Собранието, се вели во пресудата.
Според судот овој кривично правен настан е плански мотивиран, смислен, реален за да се зачува власта. Судот ги ценеше како отежителна околност и загрозувањето на животот на пратениците, дејствијата кои биле преземени.
-Времето и историјата ќе покажат што било правилно а што не. Државата не се гради, ниту брани со насилство. Дали ќе се случеше насилниот упад ако не беше испланиран? Се разбира дека не. Само со план можеше тоа да се случи. Советот ги ценеше сите докази на странките, секој поединчено. Само целината на доказите може да даде одговор на многу прашања. Не се суди на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, друга партија, туку на конкретни лица, рече судијата Илија Трпков.
Обвинителката Гордана Смаќоска побара притвор за поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистерот за образование, Спиро Ристовски, ексминистерот за транспорт, Миле Јанакиески и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски. Таа смета дека тие имаат контакти бидејќи некогаш биле високи функционери, а со тоа можат да се дадат во бегство. Притворот е побаран бидејќи се осудени како организатори на 27 април.
На ова се спротивставија адвокатите на обвинетите. Адвокатот Еленко Миланов кажа дека сите обвинети до сега го почитувале судот, доаѓале на судења, а за обвинетиот Миле Јанакиески кажа дека веќе е во куќен притвор и нема ниту едно негово прекршување.