Dark Mode Light Mode

Договори востановени заради корупциски менталитет

Колумна на Наташа Котлар – Трајкова:

Од односот на општеството кон историјата може да се согледа и неговата искрена намера да напредува. Бидејќи, таа не само што го проучува минатото, туку ја определува сегашноста и ја насочува иднината.

На внатрешен план, годиниве наназад, македонската историја е поттурната и омаловажена и како народно колективно сеќавање и како научно легитимирана дисциплина со осум децениско искуство.

Реклама

Така, на надворешен план, еден дел од македонската историја е отстапен на јужниот сосед (без ни малку грижа и совест на владеачките претставници), а еден дел, безмалку ќе стане „зедничка историја“ – бугарска.

Така добиваме историско, именско, национално и идентитетско „моделирање“ на македонскиот атрибут, според една Спогодба (2018), според еден Договор за (небаре)добрососедство (2017),  според едни (Не)Уставни промени од 2019 г. (противасномски) и според едни други договори (рамковни, јазични)!

Следејќи ја оваа низа, неодминлив е впечатокот, дека всушност се работи за злоупотреба на демократскиот процес и процедури, како и занемарување на основните човекови права и слободи, од страна на она што претставувало или претставува власт и моќ во ова наше општество. Па така во контекст на неодамнешното актуелизирање на Преспанската спогодба и на оние другите договори во Декретот на американскиот претседател, кратко ќе забележам дека истите се  н а в р е д л и в и  за демократијата и за општите човечки вредности и по својата содржина и по начинот на кој се востановени во македонската држава. Сепак, впечаток е дека се востановени и заради корупцискиот менталитет и некомпетентноста на властодршците во ова општество што ѓоа сака да напредува.

Ние живееме во еден изопачен систем на квази-капитализам, поточно живееме во феудализам, во кој управува партиско-далаверско-религиозно класа на политичари (сосе со нивните семејства, роднини и пријатели)! Додека пак во европски рамки, сè позабележителен е „повозвишениот“ вид на овој систем –  „технофеудализмот“. Или како што вели грчкиот учен и економист J.Варуфакис, тоа се моќ и власт, концентрирани во една личност или во еден центар и темелени на дигитални платформи, каде не постои слободен пазар и размена на капитал!

Но, да се вратам на нашиве феудалци кои во изминативе неколку децении збогатувајќи се непримерно, сурови и неуки, транзитираат низ политичкиот медиум од македонствувачи во севернисти-преспанисти, во бугаро-добрососедисти, во федералисти-илиристи. Тоа се неморални чудовишта, никаквеци со плитка општествена идеја и грдост, извитоперени карикатури на нашата стварност.

За нас, обичните луѓе, надвор од овој деформиран систем, притиснати од оваа феудална структура на моќ и власт, останува да се бориме за проста човечка слобода, разбирајќи ја како можност да бидеме подобри и почесни луѓе, подобри и почесни Македонци, заради нашите идни генерации!

 

Keep Up to Date with the Most Important News

By pressing the Subscribe button, you confirm that you have read and are agreeing to our Privacy Policy and Terms of Use
Previous Post

Променливо облачно време со локален дожд

Next Post

Од 1 јули: Мобилен, СМС и интернет по локални цени низ Западен Балкан

Реклама